Струшкиот говор претставен преку поезијата на Константин Миладинов

Дијалектологијата (од грчки: диалектос=говор, наречје и логос=збор, наука) е дел од лингвистиката што ги проучува народните говори на одделни јазици. Таа ги проучува дијалектите, нивната појава, историскиот развој, како и  оформувањето на национални јазици од дијалектите. Важно е да се напомене дека дијалектите се природна појава на јазикот и тие не се јазични грешки, туку јазичната реалност. Дијалектите имаат големо значење за проучување на историјата на еден јазик бидејќи тие се неговата основа. Меѓу другото, народните говори се оние коишто можат да дадат поверодостојни податоци за развитокот на јазикот и неговата разновидност, за разлика од пишаните споменици коишто биле пишувани со строго ограничени правила. Исто така, врз база на усниот народен говор може да се согледаат некои фонолошки појави и процеси во јазикот како што се местото на акцентот, рефлексот на некои вокали и слично.

Струшки дијалект — Википедија

*Карта на македонските дијалекти

Струшкиот говор спаѓа во западномакедонското наречје, поконкретно тој е дел од една поголема дијалектна целина наречена охридско-преспански говори кои уште се дел од периферните говори на западното наречје. Струшкиот говор ги опфаќа градот Струга и селата: Враништа, Октиси, Вишни, Лабуништа, Подгорци, Боровец кои се наоѓаат на западниот дел од реката Дрим, и Присовјани, Глобочица, Брчево, Ташмаруништа и Ложани, кои се распоредени по источната, односно десната страна на реката Дрим.
Според тоа, тука може да се изделат три помали говорни подрачја и тоа: струшки говор, во потесна смисла на зборот, вевчанско-радошкиот и торбешкиот струшки говор. Според досегашните дијалектолошки истражувања, овој говор влегува во еден од неколкуте говори кои имаат најмногу забележани материјали во 19 век. Воедно, тој претставува родниот говор на Браќата Миладиновци кој пред сè е одразен во нивниот Зборник. Тој содржи обемен материјал и несомнено е дека материјалот од Струга го бележеле најточно бидејќи сепак, тоа е нивниот роден говор.

Константин Миладинов е роден во Струга во 1830 година како најмало, седмо дете во семејството. Уште од мали години, неговиот брат Димитрија го зел под своја закрила и со самото тоа му биле овозможени полесни услови за школување. Кај својот брат завршил основно школо, продолжил гимназија во Јанина, а студирал Филозофски факултет во Атина и Словенска филологија во Москва. Но, во Москва се разболел и тргнал накај „неговиот југ“ каде што на враќање се среќава со хрватскиот надбискуп Јосип Јурај Штросмаер кој му помогнал во Загреб да го испечати Зборникот во 1861 г. Умира во јануари 1862 во затворот во Цариград.  Неговата уметничка поезија, односно опусот од 15 песни, покрај големата книжевна вредност има значителна вредност и за јазикот, односно за дијалектологијата.

Најпрвин, започнувајќи од најниското ниво, односно фонолошкото, ова се карактеристиките на струшкиот говор кои се присутни во Константиновата поезија:

  1. Вокалниот систем е шесточлен (а, е, и, о, у, ă).
  2. Старословенскиот назален вокал од заден ред ѫ преминува во гласот ă. Пример: грăди (Т’ га за југ); дăбот (Шупељка).
  3. Секундарниот Ъ во коренска основа преминал во ă. Пример: мăгла (Т га за југ).
  4. Групата цвЬ>цу. Пример: расцутено (На чужина).
  5. Тука e присутно вокално ло кое преминува во -ăл-, но може и во -ол-Пример: напăлние (Скрсти); солѕи (Еѓуптин делиа).
  6. Вокално рo кое преминува во ăр. Пример: сăрце (Еѓуптин делиа).
  7. Во овој говор, како и во многу од западномакедонските говори, кога ќе се најдат кратките заменски форми на личните заменки (ме, те, се, го, ги), негацијата, честичката да и некои други зборови што почнуваат со вокал обично се губи вокалот на проклитиката. Пример: соладвам; мизлечит (Думание).
  8. Прасловенските групи *tj; *kt’ и *dj преминале во –шч-, односно –жд- и поретко во ќ и ѓ. Пример: пушчат (Сираче); дважди, трижди (Побратимство); ќута (Еѓуптин делиа).
  9. Присуство на палатално н, кое се бележи со н и ј, но и со њ. Пример: тăрпење (На сăнцето).
  10. Палатално л кое се бележи со љ. Пример: шупељка (Шупељка); мољба (Скрсти).
  11. Во врска со губењето на консонантите тука имаме:
  • губење на интервокално -в-. Пример: глаа (Шупељка); праината (Клетва).
  • Губење на х. Пример: ладост (Думание); пазува (Голапче).
  1. Кога доаѓа до меѓусебен допир на консонантите, некои од групите, на пример како што е -вн- преминува во -мн-. Пример: рамнина (Побратимство).
  2. Групата хв- преминува во ф. Пример: пофалиф; пофалам (Голапче).
  3. Меѓу консонантите ср се вметнува т. На пример: стретит (Т’ га за југ); стребро (Скрсти).
  4. Иако акцентот во овие песни не е обележан, прилично е сигурно дека тој е третосложен како во целото западномакедонско наречје.

Понатаму, поезијата на Константин Миладинов, напишана на струшки говор ги покажува следните морфолошки карактеристики:

  1. Кај именките од машки род, има остатоци од стариот датив, на пример: Богу (Скрсти).
  2. Остатоци од стариот вокатив: Владико(Грк владика на Болгарите); Господи (Скрсти).
  3. За разлика од именките од машки род, оние од женски род имаат помалку остатоци од падежните форми. Пример: Самовило, која претставува вокативна форма во песната: Побратимство.
  4. Придавките се образуваат од суфикси карактеристични за целото западномакедонско говорно наречје. Тие суфикси се следниве: -ов, -ев, -ин, -ски, -шки, -чки, -ен, -лив, -ок, -ав и слично. Пример: Марков манастир (Скрсти); орелски крилја, далечен (Т’ га за југ).
  5. Исто така, има присуство на сложени придавки: чистороса, златокоси, златокрила (На чужина).
  6. Личната заменка за 1 лице еднина има две форми: Ја и јаска. Пример: Ја неќу бисер да баца (Бисера); Јаска свирам (Побратимство); …јаска по напред… (Грк владика на Болгарите).
  7. Како и во повеќето западномакедонски говори, така и тука се чува архаичната наставка –т за 3 лице еднина во презент. Пример: стретит, светит (Т’ га за југ); барат, карат (Еѓуптин делиа).
  8. 3 лице множина ги има следниве наставки –ает, -еет, -ет:

Пример: слушает (Клетва); одбегвеет (Клетва); останет (Клетва).

  1. Заповеден начин се образува со наставката –ј за еднина и –јте/-ите за множина. Пример: немојте, вервите (Не-непијан).
  2. Глаголскиот прилог се образува со наставката –шчем.

Пример: мислеешчем, жалеешчем (На чужина);

  1. Идното време се образува со партикулата ќе и сегашно време од глаголот. Пример: ќе доит, ќе седнит (Желание).
  2. Во овој говор, исто така, се интересни и прилозите кои најчесто потекнуваат од старите падежни форми, а некои од нив претставуваат стари архаични форми. Пример: пофтор (Скрсти); окул-нокул (Думание).
  3. Во однос на предлозите, Константин ги употребил оние коишто се карактеристични за нашите говори, но, сепак, постојат и предлози како што е у кој се користи со значење кај. Пример: у мене (Желание); стреде (Побратимство).

Општите синтаксички карактеристики кои се однесуваат на одделни зборовни групи од овој говор се:

  1. Во врска со удвојувањето на предметот што е карактеристична црта за западномакедонското говорно наречје, во Константиновата поезија скоро и да го нема.
  2. Тука, во употреба е посесивната придавка образувана од личните имиња. Пример: Марков камен (Скрсти);
  3. Зачестена употреба на лична заменка за 3 лице множина за индиректен предмет, односно датив. Пример: меѓу ним (Еѓуптин делиа); со ним (Сираче).
  4. Во песните на Константин, често се среќаваат примери без член иако во разгововорниот говор тие постоеле.

Основниот фонд на лексиката го сочинуваат оние зборови што биле карактеристични за Западна Македонија во 19 век. Поголемиот дел од овие зборови биле чисто словенски, а има мал дел кои биле бугаризми, турцизми и грцизми што биле во употреба и во другите говори. Некои од тие зборови се:

  • Грчманик = душник (Клетва)
  • Каури = слично со Христијанин, неверник од муслиманска гледна точка (Еѓуптин делиа)
  • Ластоварка = вид дрво за тепање (Грк Владика на Болгарите)
  • Наружена = накитена (На чужина)
  • Сач = капак со сферен облик (Скрсти)
  • Скрсти = обичај кога луѓето излегувале со крст во сушните периоди молејќи го Господ за дожд (Скрсти)
  • Счастие = среќа (Сираче)
  • Туфег = пиштол (Еѓуптин Делиа)
  • Угревјат = изгрева (Т’ га за југ)
  • Хора = луѓе (Грк Владика на Болгарите)
  • Чужина = туѓина (На чужина)

Како што може да се забележи од погоре елаборираните карактеристики во поезијата на Константин Миладинов, несомнено е дека тој воглавно се служел со јазични црти и лексеми кои биле карактеристични за струшкиот говор во периодот на 19 век. Тоа значи дека авторот му придава големо значење на народното и роднокрајното, а тоа, секако се должи на тогаш актуелниот книжевен правец – романтизмот. Притоа, може да се константира дека струшкиот говор има видно бележити карактеристики што го прави посебен и уникатен во однос на другите говори, но не смее да се занемари и фактот што има заеднички особености со другите говори од западномакедонското наречје.

Литература:

Видоески Божидар (1998). Дијалектите на македонскиот јазик Том 1, Скопје: МАНУ.

Тошев Крум (1979). Струшкиот говор (според некои материјали од XIX век), Скопје: Универзитет „Кирил и Методиј“.

 

 

         

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

Create your website with WordPress.com
Започни
%d bloggers like this: