Петар Прерадовиќ – биографија и осврт кон поезијата

Петар Прерадовиќ е роден во 1818 во областа  Грабовница, Хрватска и претставува еден од најистакнатите поети кои твореле во периодот на хрватската народна преродба уште позната под името илирско движење. Неговиот татко бил офицер во австриска служба, па по неговата смрт, малиот Петар ја наследил војничката професија на својот татко. Откако го завршил основното образование се запишал на Воената академија во Виена каде што бил воспитуван во строг германски дух. Влијанието на академијата врз неговата личност било толку големо што по осум години резултирало со речиси наполно заборавање на мајчиниот јазик, а самиот Петар тоа го доживеал како лична трагедија. За овој трагичен настан сведочат неговите автобиографски белешки во кои напишал: „Јас отидов дома, но ете ти несреќа, бев го заборавил речиси сосема мајчиниот јазик, а ни мајка ми ни сестра ми не знаеја друг да зборуваат“. Како тоа да не било доволно, несреќата го следи  овој автор, односно тој бил присилен од православие да премине во католицизам бидејќи само така би можел да напредува во службата. Прерадовиќ се женел двапати: еднаш со Италијанка која му умрела, а другиот пат со Германка. Имал седум деца, а неговото потомство е денешната фамилија Фон Прерадовиќ. Неговата внука Паула фон Прерадовиќ е автор на текстот на денешната австриска химна. Својата офицерска служба ја започнал во Милано, па постојано бил преместуван во Задар, Загреб, Виена и други места во Хабсбуршка Монархија, за да крајот на кариерата го заврши со чин Генерал, а во 1860-та година да биде именуван за Бан на Хрватска, титулата која не ја прифатил поради болеста. Умира во 1872  во Фарфелд, Австрија од болест која го мачела во последните години од неговиот живот.

Во текот на својот живот, Прерадовиќ издал две збирки песни: „Првенци“ објавена во 1846 г. и „Нови песни“ во 1851. Покрај тоа, ја напишал и драмата „Кралевиќ Марко“, како и неколку епски песни од кои некои се недовршени. Меѓу другото, според годината на издавање на своите збрики мое да се каже дека овој автор во книжевноста се јавил како зрел човек, бидејќи почнува да печати околу 27 година од својот живот.

Во почетничката фаза од своето творештво, Петар Прерадовиќ пишува на германски јазик, инспирирајќи се од Шилер, но под значително влијание на Бајрон и чешкиот поет К. Х. Маше кого и го преведува. Таа фаза трае од неговото запишување на академијата па сѐ до 1843 каде што во Милано го запознава тогаш актуелниот Иван Кукулевиќ, припадник на илирското движење кој несомнено извршил големо влијание врз Прерадовиќ. После таа средба, Прерадовиќ, воодушевен од идеите на илиризмот, започнува да се интересира за народното творештво и го учи народниот јазик.

Во Венеција се запознал со хрватски офицери, исто како него воодушевени приврзаници на илиризмот и под нивно влијание ја пишува првата песна на народен јазик како поздрав на српството. Неговата прва печатена песна носи наслов „Зора пука“ и е издадена во списанието „Зора далматинска“. Всушност, ова била песната која му го отворила патот во сите списанија и алманаси во кои редовно објавувал песни и бил забележан како  еден од главните толкувачи на националната мисла и народните идеали, како вистински Југословен и Словенофил.

Уште нешто во однос на неговото творештво, Прерадовиќ и покрај тоа што го учел мајчиниот јазик, многу критички зборувал за своите песни и своето познавање на хрватскиот јазик. Тој имал многу потешкотии при изразувањето, па некогаш, во недостаток на хрватски лексеми, тој морал да ги замени со германизми, но и покрај тоа наоѓал начини, односно го поедноставувал својот поетски говор.

Осврт кон поезијата на Петар Прерадовиќ

Творечкиот опус на Петар Прерадовиќ е скромен, но со несомнено голема тежина и важност за хрватската историја. Негов домен останала литературата во стихови, а најмногу се пронашол во лириката. Во однос на мотивите кои ги обработувал пак, како најдоминантни се пројавуваат родољубивите песни, а покрај нив и љубовните, односно интимните и песните со религиозно-филозофски мотиви. Исто така, важно е да се знае дека секоја негова песна произлегува од неговите доживувања, сфаќања и чувства за светот или пак неговите реакции на настаните во Хрватска од тој период. Но сепак, може да се каже има некоја недоизреченост во оваа негова поезија поради фактот што тој се занимавал со поезија само во слободно време и поради тоа што недоволно го познавал хрватскиот јазик.

Најважен дел од неговото творештво го чинат родољубивите песни во кои ја изнесува целата радост поради фактот што хрватскиот народ се буди, а притоа ги опишува и убавините на татковината. Во овие негови песни се зборува и за некогашната слава на Хрватска, слободата, како и борбата против непријателот до конечна автономија на Хрватска. Но не ги заборавил и оние којшто поради лични причини, сееле неслога помеѓу братските народи. Таква му е песната „Браќа“.

Мотивот на родољубие го обработил во својата прва песна „Зора пука“, каде што постојано го споменува истокот и будењето, што нормално асоцира на раѓањето на сонцето, а самото тоа и будењето на словенскиот род:

„Но од исток сјајна вила

На славјанството се вести,

Со глас тивок ваму вјаса:

Зора пука, ден ќе стаса!

Зора пука, ден ќе стаса!

Сврти се кон својте блага,

Далматинска земјо славна:

Еве зора иде драга,

За да светне и да биде

Твое благо –денот иде!“

(„Зора пука“)

Во наредната песна „Поздрав кон родината“ од збирката „Првенци“ со многу родољубиви зборови да ја овековечува својата родна земја, сметајќи ја за најлична од сите земји во светот, негова мила мајка, светлина и утеха:

„Поздрав праќа синот верен твој:

После долго патување иде

Пак страдникот со тебе да биде

Да ти даде топол целив свој.“

„Минав свет на сите четир’ страни,

Видов земји толку опеани,

Што се слават на дамнешни дни

Сите лични се во блесок китен,

Сите лични, но заедно сите

Не се, мајко, што си сама ти“.

(„Поздрав кон родината“)

Поминувајќи го речиси целиот свој живот надвор од татковината, воспитан во туѓински дух, тој бил на патот да се однароди и сето тоа го опеал во својата песна „Патник“ која можеби е и неговата најубава родољубива песна.

Во неа, тој ја кажува својата лична судбина на залутан патник во туѓина, но истовремено и радоста што го пронаоѓа патот кон родната земја. Всушност, ова е една многу трогателна и искрена песна, автобиографија на неговото детство, кога бил оттргнат од родната грутка, а поминатото време во туѓина го опишува како поцрн мрак од мракот каде што ниту од ѕвезди, ниту од месечина има трага. Мракот за кој зборува ја објаснува и внатрешната разјаденост на поетот кој е далеку од дома, борејќи се за туѓи народи и идеали, во една непозната земја каде што не е ни прифатен од страна на тамошното општество. Таа неприфатеност и негостољубивост ни претставува една слика, алегорија за „маќеата“. Меѓутоа, оваа негова судбина била и судбината на целиот хрватски народ. Затоа илиризмот било тоа движење кое за цел имало спас на Хрватите од однародување.

Сепак, на крајот од песната, очајот и изгубеноста на патникот се трансформираат во гордост, утеха и јунаштво. Истокот е симбол за повторно раѓање на сонцето, а тука се раѓа и надежта на патникот кој конечно го пронаоѓа својот дом веселејќи се, спремен да умре за татковината.

Последниот стих на оваа песна, „Твојот цвет на гроб ќе му цвета“ била инсприација за Иван Рендиќ кој направил споменик посветен на Прерадовиќ на кој ликот на Татковината го кити гробот на поетот со цвеќе.

Откако се вратил во Хрватска, Прерадовиќ е во занес со идејата за национална преродба која пред сѐ лежи во чувањето на јазикот, па затоа испеал и две песни за убавината на народниот јазик, а тоа се песните „Народот за јазикот“ и „Јазикот на родот мој“ кои несомнено изобилуваат со убави зборови посветени токму на мајчиниот јазик. Но неговиот патриотизам оди и пошироко, бидејќи иако бил Србин, тој пеел за хрватската татковина, а истовремено го славел и српството и хрватството. Меѓу другото, за него може да се каже  и дека е еден од најголемите поети на Словенофилството. Своите словенски чувства, дух и наклонетост ги искажал во песните : „Духот славјански“, „Предопределеноста на славјанството“ и „На славјанството“, нарекувајќи го „…големо, силно, преславно, семожно славјанство“.

Чувствителен и нежен, Прерадовиќ напишал и неколку љубовни песни, повеќето со мотиви на меланохоличност и осаменост, а тоа се должи најнапред по смртта на саканата која ја опеал во песната „Мртва љубов“:

„В срце нема ти да ми се смириш

Мирот му го сруши. Бол го пече“.

Во тие песни, опишува и за тоа како самиот тој ѝ приоѓал на љубовта, односно таа негова филозофија дека повеќе гледал на она љубов што ја дава, отколку на онаа што ја прима. Во однос на другите љубовни песни, одломки од песната „Lopudske sirotice“ содржат романтични елементи во кои женскиот лик во песната ја изнесува семоќта на чувствата што никакви човечки огради не можат да ја спречат:

„Rijeśite me I budućih grijeha

Jer ću grijeshit, ako ljubav grijeh je…“

Исто така напишал и песни во кој опишува пејзажи од родниот крај, вечерни слики, допири со морето и слично. Тоа може да се согледа во песната „Наша земја“:

„Po ravnicah I po gorah,

Preko śuma zelenica

Preko njiva Srebrenica

Pa od mora sve do mora

Ti se stereś divnim sagom

Ti se kitiś svakim blagom“.

Покрај родољубивата и љубовната, Петар Прерадовиќ пишувал и религиозно-филозофска поезија која само по малку се разликува од љубовната. Всушност, тој се смета за нејзин основоположник во рамките на новата хрватска книжевност. Тој бил човек којшто повеќе од сѐ размислувал за животот, човековата судбина, смртта. Оваа поезија настанала во неговите најзрели години кога бил длабоко несреќен. Од неговите мисловни песни најзначајни се: „Првите луѓе“, „Смрт“, „Надеж“, „Човеково срце“ и други. Во тие стихови има многу болка и солзи, тешка и мрачна атмосфера, нешто што кај читателот предизвикува несреќа и беспомошност. Таа е многу тешка за читање и ги претставува најкризните часови од поетовиот живот. Но и покрај тоа, во дел од тие стихови се навестува и самодоверба и смиреност пред ударите на животот. Тука може да се зборува и за еден вид оптимизам, поготово во оние стихови кај кои после злото доаѓа победоносно добро.

Исто така, овој поет посветил и неколку песни на образованието кои биле актуелни за време на неговиот живот, но не биле заборавени дури ни по неговата смрт. Тоа е затоа што овие песни кои се наоѓале во хрватските читанки наменети за средните школи претставувале врвот на тогашната поезија. Освен тоа, со помош на неговите стихови наставниците им објаснувале некои поим од секојдневниот живот и уметноста. Во нив се зборува за слободата на создавањето, љубовта спрема татковината, карактеристиките на човекот, минливоста на сѐ во земниот живот, доблеста и слично. Всушност, овие негови песни имаат изразит педагошки карактер, бидејќи од нивната содржина можело да се извлече знаење.

Збогатувајќи ја домашната литература со низа жанрови, за Прерадовиќ може да се каже дека припаѓа во друштвото на писателите кои оставиле голем белег во 19-от век на Балканските простори. Иако речиси целиот живот го поминува надвор од Хрватска, неговиот дух е со хрватскиот народ и илиризмот. Поради тоа, кај своите современици бил забележан како хрватски поет од прв ред, искрен родољуб и еден од најзначајните поети во хрватската народна преродба, најдоследен и најверен поборник за народното единство меѓу Србите и Хрватите, визионер кој ја наѕирал големата иднина на својот народ.  

Користена литература:

  1. Vraz Stanko и Preradović Petar. (1954). Dejla. Zagreb: Zora.
  2. Караниколова – Чочоровска Луси. (2015). Хрватска книжевност. Штип: Универзитет „Гоце Делчев“.
  3. Караниколова – Чочоровкса Луси. (2015). Практикум по хрватска книжевност. Штип: Универзитет „Гоце Делчев“.
  4. Михалиќ Славко и Тодоровски Гане. (1973). Новата хрватска поезија (Избор). Скопје: Мисла.
  5. Прерадовиќ Петар. (1967). На родот и на јазикот. Скопје: Култура
  6. https://snv.hr/znameniti-srbi-u-hrvatskoj/petar-preradovic
  7. http://www.glas-slavonije.hr/296694/4/O-zivotu-poeziji-i-zavicaju-pjesnika-Petra-Preradovica

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

Create your website with WordPress.com
Започни
%d bloggers like this: